Како е формирана компанијата Мултигруп? Во текот на 90-те години на минатиот век, веднаш по паѓањето на комунизмот таа беше најмоќната бугарска компанија.

За нас во Македонија таа компанија е интересна бидејќи на познатата прес конференција, во октомври 1995 година, тогашниот министер за внатрешни работи ја посочи оваа компанија како можен нарачател или извршител на атентатот врз Киро Глигоров.

Подоцна, како што во еден свој текст на фејсбук напиша бугарскиот вицепремиер, Красимир Каракачанов, во банката на Мултигруп во Македонија-Балканска банка работеше и поранешниот премиер, Никола Груевски. Долгогодишниот директор на таа банка во Скопје, Кирил Пендев кој беше главен резидент на бугарските служби во Македонија, беше личен пријател и со Груевски и со Љубчо Георгиевски.

Според пишувањето на бугарскиот неделник 168 часа, компанијата Мултигруп е формирана со договор за три милијарди левови кои ги добива Светиот Синод на Бугарската православна црква преку Кредитна банка.

Тоа го кажува Пламен Николов, поранешен шеф на одделот за стратегиско и корпоративно планирање на Мултигруп, а поранешен шеф на кабинетот на поранешниот бугарски премиер, Жан Виденов.

Според Николов, во почетокот на 90-те години на сметките на таа компанија во странство имало три милијарди долари.

Тие средства и фирми кои беа формирани во странство од поранешни функционери и агенти на тајните служби и бугарската Комунистичка партија потоа послужија за враќање на комунистите на власт

Зелено светло за тоа има дадено комунистичкиот лидер Тодор Живков. Дел од тие врски на Живков му се ставени на располагање на Бојко Борисов, кој беше негов телохранител.

Зошто баш Илија Павлов беше избран да биде “газда” на Мултигруп? Неговиот татко Павел Најденов беше агент на шестото управување, а таткото на првата сопруга на Павлов-Петар Чергиланов беше началник на третото управување на државната сигурност ( военото контраразузнавање ).

Раковидниот кадар на Мултигруп го сочинуваа поранешни агенти или соработници на државната сигурност. Затоа таа компанија долго се сметаше дека е држава во самата бугарска држава. Не е случајно дека долго време вицепратседател на таа компанија беше последниот началник на шестото управување на државната сигурност, Димитар Иванов.

Илија Павлов беше убиен во атентат во март 2003 година. Потоа доаѓа до распарчување на Мултигруп.