Извор близок до Белата куќа изјави дека американскиот претседател Доналд Трамп добива(л) кислород откако имал симптоми на болеста Ковид 19, пишува Си-Ен-Ен.

“Дефинитивно добиваше кислород“, рече изворот, потврдувајќи дека тоа се случило во петокот.

Друг извор запознат со неговото здравје претходно потврди за Си-Ен-Ен дека Трамп сè уште не е на безбеден пат за опоравување од ковид-19 и дека некои од неговите витални знаци во последните 24 часа биле многу загрижувачки.

Проценката на тој извор е во спротивност со мислењето на медицинскиот тим, кој на прес-конференцијата во саботата изјави дека американскиот претседател е „многу добар“.

Еден од тие лекари рече дека Трамп им рекол: „Се чувствувам како денес да можам да си заминам од тука“.

Изворот, кој сакаше да остане анонимен, рече дека следните 48 часа ќе бидат критични кога станува збор за здравјето на Трамп.

Трамп беше сместен во воената болница Валтер Рид недалеку од Вашингтон во петокот, неколку часа откако беше потврдено дека е заразен со ковид-19.

Лекарот од Белата куќа Шон П. Конли пред новинарите во саботата пред болницата изјави дека Трамп нема проблеми со дишењето и дека во моментов не прима кислород.

„Тимот и јас сме многу задоволни од напредокот на претседателот“, рече тој, не сакајќи да каже кога Трамп може да биде пуштен од болницата.

“Имаше лесна кашлица, ниска температура и што е најважно, се чувствуваше уморно. Никогаш немаше проблеми со дишењето”, објасни лекарот на претседателот.

Проблемот со оваа изјава е што неколку истакнати американски медиуми неодамна објавија дека претседателот Трамп добил кислород во Белата куќа пред да замине во болница.

Њујорк Тајмс, на пример, цитираше два извори кои велат дека Трамп имал проблеми со дишењето пред да замине во болница и дека „паднало нивото на кислород“ и затоа лекарите му дале дополнителен кислород. Новинската агенција АП исто така објави дека американскиот претседател бил администриран со кислород во Белата куќа.

Си-ен-ен пренесува дека неименуван извор потврдил дека Доналд Трамп примил кислород во Белата куќа во петокот. „Трамп дефинитивно прими кислород“, рече изворот.

Белата куќа објави дека Трамп (74) ќе работи во специјален апартман во болницата во следните неколку дена поради претпазливост.

Британскиот премиер Борис Џонсон во саботата изјави дека е убеден дека Трамп брзо ќе закрепне.

Кинескиот претседател Си Џинпинг испрати порака до Трамп и неговата сопруга, која е исто така заразена, во која им посака брзо закрепнување, објави кинеската телевизија.

Рано утрината по македонско време американскиот претседател Доналд Трамп и се обрати за прв пат на јавноста од болницата Валтер Рид.

Тој прво му се заблагодари на медицинскиот персонал кој се грижеше за него, а потоа рече дека се чувствува многу подобро. Трамп рече дека Меланија Трамп се чувствува многу подобро од него и додаде со насмевка дека тоа е затоа што е помлада од него.

Трамп исто така рече дека се надева дека ќе ја заврши кампањата и во исто време посака сите во целиот свет да се опорават од вирусот.