Главниот економски советник на американскиот претседател Доналд Трамп, Лери Кудлоу изјави дека во јануари ќе има мирен трансфер на власта.

„Знам дека ќе има мирен трансфер на власта. Но, не можам да предвидам што тој (претседателот Трамп) ќе стори кога станува збор за инаугурацијата, тоа останува на него да одлучи“, рече Кудлоу.

Тоа го изјави во видео интервјуто за „Вашингтон пост“, во кое најмногу се дискутираше за економијата.

Кудлоу исто така рече дека веќе им честитал, како што изјави, на старите пријатели кои беа избрани да служат во администрацијата на Џо Бајден. Меѓу нив е и Џаред Бернштајн, кој беше избран за член на советот на економски советници.

Во меѓувреме, Џорџија ги потврди резултатите од државата на претседателските избори одржани на 3 ноември, потврдувајќи дека Бајден победил во таа американска држава, објави државниот секретар Бред Рафенспергер.

Тоа беше трето пребројување на гласовите во Џорџија, каде Бајден доби 11,784 гласови повеќе од Трамп.

Да потсетиме, Трамп пред две недели го одобри трансферот на власта на демократскиот кандидат Џо Бајден, но тој сепак вели дека никогаш нема да ги признае резултатите од изборите за кои тврди дека биле украдени.