Оркански ветрови и силно невреме ја погодија Далмација, поплавија куќи на некои места, а популарната сплитска рива повремено завршуваше под морето, бидејќи брановите достигнуваа висина до шест метри.

Орканскиот ветер во централното подрачје на Далмација создаде бранови на отворено море високи до шест метри, додека во крајбрежната област беа помеѓу два и четири метри.

Брановите и водата стигнуваа и до Диоклецијановата палатата во Сплит, објавија хрватските медиуми.

Метеоролошката станица на Марјан регистрирала оркански удари во сплитскиот регион во траење од неколку часа, изјавија од Хидрометеоролошкиот завод во Сплит за агенцијата Хина. Брзината на ветерот достигна до 140 километри на час, како што е забележано во Мосор.

Морето се излеа на брегот во Каштел Гомилица, каде што водата влезе во една куќа, па пожарникарите мораа да интервенираат.

Поради неповолни временски услови, прекинати се неколку траектни линии на Јадранот, соопшти утрово Хрватскиот авто клуб.