РЖД Интернешнл ги заврши градежните работи за изградба на најдолгиот железнички вијадукт во Србија, во должина од три километри, во рамките на изградбата на брза пруга на делницата Стара Пазова – Нови Сад, соопшти денеска руската компанија.

Работите, како што е наведено во соопштението, завршиле повеќе од половина година пред предвидените рокови.

РЖД Интернешнл наведува дека во април, двата објекти успешно ја поминале инспекцијата на српското Министерството за градежништво, транспорт и инфраструктура за усогласеност со проектните решенија.

Пуштање во употреба на вијадуктот и тунелот, се планира за крајот на 2021 година.

Работата на изградбата на вијадуктот започна на 1 ноември 2017 година. Неговата должина е три километри, а висината на одделните столбови е 26 метри, што може да се спореди со висината на осумкатницата.

Вијадуктот е дизајниран на излезот од тунелот Чортановци, пред Сремски Карловци и се протега во пловниот дел на Дунав.

Тунелот Чортановци се состои од две паралелни “цевки” со вкупна должина од 2,2 км. Работите на нејзината изградба траат непрекинато од септември 2017 година и беа завршени седум месеци пред договорените рокови, објави рускиот изведувач.

За време на изградбата беа користени напредни руски и меѓународни технологии, кои беа тестирани, меѓу другото, за време на изградбата на олимписките објекти во Сочи.

Рокот за безбедно користење на тунелот утврден со проектот е најмалку 100 години.

По завршувањето на сите работи во согласност со проектот, патничките возови ќе можат да развиваат брзина до 200 километри на час, а товарните возови до 130 километри на час на делот од брзата пруга Стара Пазова – Нови Сад.


One thought on “Србите ќе возат 200 на саат: Русите го изградија тунелот висок колку осумкатница. Делува импресивно”

Comments are closed.