Српските медиуми и српската јавност со разочараност ја примија веста дека нивниот голем сојузник Грција, или православните браќа како што се нарекуваат, и покрај непризнавањето на Косово прифати нејзината фудбалска репрезентација, доцна синоќа, да истрча на стадионот Фадиљ Вокри во Приштина.

Српските медиуми прашуваат: Зошто играат со нив кога не ги признаваат!?

Украина е последната репрезентација која не сакаше да игра натпревар на територијата на Косово во периодот од 2008 година до денес. Украина се уште не го признава Косово.

Грција, исто така, не ја признава независноста на Косово. Односно, Грција не е меѓу тие 98-те земји во светот, кои, и покрај Резолуцијата на Советот за безбедност на Обединетите нации, сепак ја признаа независноста на Република Косово, во периодот од 17 март 2008 година до денес.

Според српските медиуми тоа не им пречеше на Грците да ги користат преговорите со косовските власти за да извршат притисок врз Македонија за време на последните преговори за името на нашата држава.

Србите сега разочарано се прашуваат зошто нивните православни браќа-Грците играат двојна игра!?

Односно, зошто грчката фудбалска репрезентација прифати да игра натпревар од Лигата на нациите на УЕФА со Косово во Приштина, пред празните трибини на стадионот Фадиљ Вокри?

Или зошто Грците не постапија исто како Украина? Украинците не прифатија да играат на територијата на Косово, туку нивниот натпревар се одигра на стадионот во градот Скадар во Република Албанија.

Брат за брат, но сирење за пари, па така Грците во периодот по 2014 година, го релаксираа строгиот визен режим за граѓаните на Косово и постепено ги отворија границите за патниците со пасош на земјата која тие всушност ја признаваат.

Вчерашното гостување на грчката репрезентација на стадионот Фадиљ Вокри, е само една во низата официјални меѓународни посети во градењето на билатерални односи меѓу двете балкански земји, и покрај меѓусебното непризнавање.


Напишете коментар