Поранешниот градоначалник на Карпош и претседател на партијата ГРОМ, Стевчо Јакимовски објави дека повторно ќе се кандидира за градоначалник на општина Карпош на изборите на 17 октомври. Јакимовски тоа го објави на својот фејсбук профил.

Почитувани пријатели,Сакам да ве известам дека одлучив да се кандидирам за следен градоначалник на Општина Карпош на претстојните локални избори.

Posted by Stevco Jakimovski on Monday, September 6, 2021

Јакимовски беше три мандати градоначалник на Карпош. Прв пат беше избран на локалните избори во 2000-та година и остана на таа функција до 2003 година кога е избран за министер за економија во владата на Бранко Црвенковски. По конфликтот со Макпетрол во 2004 година Јакимовски е ротиран на функцијата министер за труд и социјална политика. Во 2009 година е повторно избран за градоначалник на Карпош. Во меѓувреме од партијата ЛДП прави трансфер во СДСМ и е дел од раководството на социјалдемократите во мандатот на Црвенковски од 2009 до 2013 година.

Во 2013 година тој не се согласуваше со бојкотот на локалните избори од страна на Бранко Црвенковски и оди како независен кандидат на изборите во Карпош. На изборите ги победува тогашниот секретар на СДСМ и екс градоначалник на Карпош, Андреј Петров од СДСМ и Јагнула Куновска од ВМРО ДПМНЕ и добива нов четири годишен мандат од 2013 до 2017 година.

Во меѓувреме ја формираше партијата ГРОМ. Кога е во полн политички налет прави лоша проценка и учествува со свој кандидат на претседателските избори во 2014 година. Кандидатот на ГРОМ освојува само 35 илјади гласови, а бидејќи вториот круг, на претседателскитѕе избори беше споен со парлемантарните избори во 2014 година, тој резултат му се преслика и на парламентарните избори. Многумина сметаат дека Јакимовски и ГРОМ тогаш тежеа повеќе од 50 илјади гласови и да не беше излетот со кандидат на претседателските избори веројатно и ќе постигнеа таков изборен резултат.

Во 2017 година Јакимовски ги губи локалните избори во Карпош, но сега веќе во коалиција со ВМРО ДПМНЕ, од Стефан Богоев. По паѓањето од власт против него се води судска постапка за работењето во општината.

На парламентарните избори на 15 јули 2020 година, Стевчо Јакимовски не беше дел од листата пратеници на коалицијата предводена од ВМРО ДПМНЕ. Јавна тајна е дека Јакимовски не беше најсреќен со тој избор. На почетокот на летото оваа година за прв пат името на Јакимовски се јавува на анкетите за општина Карпош и тогаш убедливо води пред останатите кандидати на опозицијата.

Според нашите информации, Мицкоски тогаш го убедувал Јакимовски дека го планира за нов министер во владата која (секој месец ) ја формира и дека не треба да се вклучи во локалните избори. Со недели траеше таа “клацкалица” меѓу Мицкоски и Јакимовски и сега дојде до расплет. Очигледно е дека Јакимовски повеќе верува дека има шанси да победи на изборите во Карпош од тоа дека Мицкоски ќе може да формира влада, а и ако формира влада дека баш Јакимовски ќе го стави да биде министер во таа влада.

Сега имаме некоја слична ситуација како во Куманово. Таму сегашниот градоначалник, Максим Димитриевски не ја дочека одлуката на партијата и влезе во независна кандидатура за градоначалник, по што партијата го исклучи од членство во СДСМ.

Јакимовски не е дел на ВМРО ДПМНЕ но е во коалција со ВМРО ДПМНЕ. Сега Мицкоски може да постапи како Заев, да ја раскине коалицијата со ГРОМ и со Јакимовски или многу тешко да ја голтне суетата и да застане зад независната кандидатура на Јакимовски кој го доведе пред свршен чин.

Во својата објава на фејсбук Јакимовски не објави дали во Карпош ќе оди и со своја советничка листа, ниту пак дали ќе оди со свои кандидати или со свои листи во други градови од Македонија, со што и тој калкулира и остава простор да види каква ќе биде реакцијата на Мицкоски.