По вчерашното интервју за бугарската агенција Бгнес на македонскиот премиер Зоран Заев, интервју кое предизвика земјотрес во македонската јавност, денес со интервју за македонското издание на Дојче веле се јави и македонскиот Претседател, Стево Пендаровски.

Во интервјуто за Бгнес, Зоран Заев го коментираше ставот на Претседателот Стево Пендаровски дека Бугарија се уште живее во времето на Тодор Живков.

На поставено прашањето кој е неговиот став за изјавата на Пендаровски: Се откажувате ли од тврдењето дека Бугарија е држава на Тодор Живков? Се надевам дека Стево Пендаровски знае дека Тодор Живков не е на власт 30 години?

Еве го одговорот на Заев:

Секако дека знае Претседателот. Верувајте дека Претседателот Стево Пендаровски е пријател на Бугарија. Не е толку искусен политичар како што е Зоран Заев, нормално. Затоа што тој работел со нашите претседатели како Борис Трајковски, Бранко Црвенковски, бил во нивните тимови. Тој беше национален координатор во мојата влада. Тој е сериозен општественик и целосно е посветен на пријателството со нашите соседи и со Република Бугарија. Некој пат верувам и јас не само тој не сме доволно внимателни со употребата на зборовите, рече Заев.

Во интервјуто за Дојче Веле, Пендаровски коментираше дали во државниот врв постои подвоеноест во однос како Македонија да ги води преговорите со Бугарија.

Го погледав интервјуто на премиерот и ги прочитав реакциите во македонската јавност, и во дел од коментарите, за жал, беше присутна дилемата дали државниот врв настапува единствено во однос на ова витално национално прашање, вели Пендаровски и додава:

Со премиерот Заев во многу наврати сме разговарале на оваа тема и никогаш не сме имале спор дека некои личности и настани можат да бидат чествувани и од двете страни, но, дека македонскиот народ има своја засебна историја, како што бугарскиот народ има своја. Истовремено, во сите мои јавни настапи јасно кажувам дека антифашистичката борба е во темелите на современата македонска држава, а во таа борба сме се бореле против оние кои беа на страната на фашистите, вели Пендаровски.

Според Пендаровски, македонско-бугарскиот спор може да се реши само ако доследно се почитува достоинството и на македонскиот и на бугарскиот народ и со избегнување на опасната замка на историскиот ревизионизам кога тој наместо врз факти, е заснован врз политички конструкции.