Европската унија е решена да спроведе „демократска транзиција“ и да и даде три милијарди евра на Белорусија со цел да го отстрани Александар Лукашенко од власта.

Ова го потврди Жозеф Борел, висок претставник на ЕУ за надворешна политика и безбедност, а покрај тоа, Европската комисија му претстави на Советот планот за економска поддршка за „идната демократска Белорусија“.

Со тоа сакаме да покажеме посветеност на народот во Белорусија. Тој план ќе се активира кога Белорусија ќе ја започне транзицијата кон демократија, а не пред тоа, рече Борел во Лисабон, каде присуствуваше на неформалниот состанок на министрите за одбрана на ЕУ.

Лукашенко не е воодушевен од идејата, додаде тој.

Пакетот од три милијарди евра вклучува неповратни пари и заеми со цел Белорусија да ја стабилизира својата економија и да ги реформира своите институции, објави Европската комисија. Парите би дошле од различни извори во рамките на ЕУ.

ЕУ има намера да ги зајакне санкциите на ЕУ по инцидентот со авионот на Рајанер и апсењето на опозицискиот активист Роман Проташевич .

Хрватскиот министер за надворешни работи, Гордан Грлиќ Радман, за Хина изјави дека ЕУ работи брзо на санкциите и се подготвува четвртиот пакет санкции, додека неговиот германски колега Хајко Мас рече дека со санкциите може да бидат опфатени клучните компании во секторот на ѓубрива, а дека ЕУ може да ја спречи владата на Белорусија да издава обврзници во Унијата, објави српски Курир.