Пристигнуваат нови снимки од трагедијата во Израел, каде настрадаа повеќе од 40 лица, на религиозен фестивал, додека околу 150 беа повредени.

Израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху оцени дека станува збор за „голема трагедија“

Несреќата се случила кога групи ултраортодоксни Евреи во голем број поминале низ гробницата на мудрецот од вториот век, рабинот Шимсон Бар Јочај, за време на комеморациите кои вклучувале бдение, мистични песни и танцување, пренесува Ројтерс.

Очевидци велат дека луѓето се задушиле или биле газени во тесни премини.

Хеликоптери ги пренеле повредените во болница во северен Израел, според службата за брза помош, израелската армија соопшти дека спасувачките и медицинските екипи се активно вклучени.

Службениците за вонредни состојби го опишаа инцидентот како „стампедо“ и рекоа дека повеќе од 100 лица се повредени, многу од нив со смртни повреди.

Канал 12 објави дека има 40 мртви, а очевидци додаваат дека меѓу нив има и деца.

Весникот Харец објави дека загинале најмалку 44 лица и дека 38 лица биле веќе критични на местото на несреќата, додава Би-Би-Си.

Гробот на планината Мерон се смета за едно од најсветите места во еврејскиот свет и секоја година го посетуваат многу верници. Ова се сметаше за еден од најголемите јавни собири во Израел од почетокот на пандемијата на вирусот корона, а минатата година собирот беше забранет поради ограничувачките мерки.