Третата фаза од вакцината против вирусот корона, која заеднички ја развиваат Универзитетот во Оксфорд и компанијата „АстраЗенека“, е прекината, по сериозната реакција на еден од учесниците во истражувањето, пренесуваат британските медиуми.

Како што јавува Дејли меил, до овој момент не е познато каква е природата на реакцијата, но една личност која е блиска до учесникот во експериментот изјави дека се очекува тој да се опорави.

Портпарол на AstraZeneca изјави дека тестирањето е прекинато за да се анализираат „безбедносните податоци“. Според британските медиуми, акциите на оваа британско-шведска компанија паднале за осум проценти.

Според портпаролот, АстраЗенека сега работи на ревизија на податоците со цел „да се минимизира какво било потенцијално влијание врз временскиот период на тестирање на вакцините“.

Дејли меил наведува дека компанијата прави се за да ги испочитува роковите во кои треба да се заврши фазата на истражување.

Суспендирањето на истражувањата за вакцини не е ретка појава, но тоа дополнително ги намалува шансите овој лек да се појави на пазарот во наредните месеци.


Напишете коментар