Војната меѓу криминалните групи на Лука Бојовиќ и кланот на покојниот Слободан Шарановиќ, која повеќе од десет години ги тресe Србија и Црна Гора, започна во 2009 година со исчезнувањето на Слободан Радоњиќ, за кој се верува дека е убиен.

Радоњиќ, кумот на убиените браќа Слободан и Бранислав Шарановиќ, чија трага беше изгубена во јули 2009 година, последен пат беше виден како влегува во автомобилот на покојниот Луке Ѓуровиќ, близок соработник на Лука Бојовиќ.

Најмалку 15 лица се убиени досега во војната меѓу групата Бојовиќ и кланот Шарановиќ, а последната жртва по ред е Страхиња Стојановиќ, кој пред два дена беше разнесен од бомба во Нов Белград.

Конфликтот меѓу двете групи датира од 2009 година и сè започна со киднапирањето на Радоњиќ, кумот на Шарановиќ. Во јули, Радоњиќ беше виден како влегува во автомобилот на Луке Ѓуровиќ и оттогаш му се губи секаква трага.

Иако до денес не е пронајдено телото на Радоњиќ, се претпоставува дека тој бил убиен. Како мотив за ова киднапирање, кое не е расчистено до денес, беше споменат долгот што тој го имаше кон Филип Корач, близок соработник на Лука Бојовиќ.

Медиумите пишуваа дека Шарановиќ, покрај полицијата, спроведе своја истрага за киднапирањето на кумот и дека тој дошол до извесно сознание дека кланот Бојовиќ стои зад ова злосторство.

Лука Ѓуровиќ, близок соработник на Бојовиќ, загина во сообраќајна несреќа во Црна Гора во 2013 година. Тој почина како совозач во „Порше“ управувано од 18-годишна жена од Бар, а медиумите објавија и дека несреќата се случила под чудни и сомнителни околности.

Само два месеци по киднапирањето, групата на Бојовиќ им зададе нов удар на кланот Шарановиќ. Во октомври 2009 година, Бранислав Шарановиќ беше ликвидиран, додека тој со своето возило се приближуваше кон куќата во Дедиње. Тогаш двајца млади момчиња на скутер му пришле и го застрелале со 20 куршуми од автоматско оружје. На Слободан му беше тешко поради смртта на неговиот брат, па вети парична награда од еден милион евра за каква било информација за убиецот на неговиот брат. Целиот град беше покриен со постери, а Шарановиќ ги обвини Бојовиќ и членовите на неговата криминална група за ова дело.

Две години подоцна, војната донесе нова жртва – убиен е Данило Радоњиќ, кум на Шарановиќ и татко на киднапираниот Слободан. Неговата ликвидација само ги зголеми сомневањата дека неговиот син Слободан бил киднапиран и ликвидиран неколку години порано.

Токму кога се мислеше дека апсењето на Лука Бојовиќ во 2012 година во Шпанија ќе ја запре војната, конфликтите само се засилија. Следната година беше ликвидиран Никола Бојовиќ, братот на Лука, во центарот на Белград. Ова беше одмазда за убиството на Бранислав, а поради ова злосторство, Шарановиќ беше уапсен во Црна Гора во 2014 година.

Сепак, Црна Гора никогаш не го испорачала на Србија, иако тој беше обвинет за нарачување на убиството на Бојовиќ, што според обвинението го сторил Саша Цветановиќ, со прекар Пит Бул, и дека тој платил дури 30.000 евра за злосторството.

Иако групата на Милош Делибашиќ во Србија беше осудена за ликвидација на Милош Видаковиќ и Никола Бојовиќ, обвинителството ја прекина постапката против обвинетиот Слободан Шарановиќ откако беше убиен пред неговата куќа во Будва во март 2017 година.

Конфликтите не стивнуваат во следните години, а убиствата само се зголемуваат. Така беше ликвидиран Раде Ракоњац, близок пријател на Бојовиќ, во 2014 година. Се веруваше дека убиството на Ракоњац е одговор на обидот за атентат врз Горан Бојаниќ, член на групата на Шарановиќ.

Фактот дека биле убиени двајца адвокати – Владимир Зрелец во 2015 година и Драгослав Миша Огњановиќ во 2018 година, покажува дека никој не бил поштеден во војната. Исто така, во 2018 година беше убиен кумот на Бојовиќ, Драгослав Милорадовиќ, кој беше застрелан пред неговата автоперална на Карабурма.

Меѓу другото, во војната Бојовиќ-Шарановиќ беше убиен Синиша Милиќ, кој беше разнесен во 2018 година од бомба поставена под неговиот автомобил, во близина на Франш во Белград.

Последното во низата ликвидации е убиството на Страхиња Стојановиќ, на кого во автомобилот му беше поставен експлозив во неделата.