Единицата командоси што го уби претседателот на Хаити и сериозно ја рани неговата сопруга, се состоеше од 26 Колумбијци и двајца Американци со потекло од Хаити.

Ова го потврдија и властите на Хаити, кои додадоа дека сè уште се трага по сторителите и мотивите на ова злосторство.

Колумбискиот министер за одбрана Диего Молано рече дека првите откритија од истрагата укажуваат на тоа дека Колумбијците осомничени за учество во атентатот врз претседателот на Хаити се пензионирани припадници на вооружените сили на неговата земја и вети дека ќе им ја обезбеди целата неопходна помош на властите во разјаснувањето на сите околности на овој случај.

Полицијата ги пронашла осомничените атентатори во куќата во близина на местото на злосторството, во предградијата на главниот град Порт О Принс, во средата, а по неколкучасовни борби, голем број од нив биле уапсени, а шефот на полицијата Леон Чарлс вчера потврди дека 17 лица во оваа акција беа уапсени, пренесува Ројтерс.

На прес-конференцијата беа прикажани бројни колумбиски пасоши, како и оружјето што го користеа осомничените убијци, пушки, мачети, комуникациски уреди и средствата што ги користеле при провалата во претседателската резиденција.

Странците дојдоа во нашата земја да го убијат претседателот, нагласи Чарлс и објави дека меѓу уапсените има и 26 Колумбијци и двајца Американци со потекло од Хаити.

Тој изјави дека 15 Колумбијци, како и двајцата Американци биле заробени во пресметката со атентаторите, додека тројца напаѓачи биле убиени, а осуммина од нив се уште се во бегство.

Директорот на националната полиција на Колумбија, Хорхе Луис Варгас, изјави дека добил барања од Хаити за информации за шестмина осомничени, од кои двајца биле убиени во размена на оган со полицијата на Хаити, додека уште четворица биле уапсени.

Министерството за надворешни работи во Тајван, кое има формални дипломатски врски со Хаити, објави дека 11 осомничени биле заробени во нивната амбасада откако упаднале во неа, а портпаролот на Стејт департментот не може да потврди дали има уапсени американски државјани.

Официјалните лица сè уште не ги објавија мотивите за убиството на претседателот, а откако ја презеде функцијата во 2017 година, тој се соочи со масовни протести, најпрво поради обвинувањата за корупција и начинот на управување со економијата, а потоа и поради растечката моќ.

Претседателот на Хаити (53) беше убиен од непознати напаѓачи ноќта помеѓу 6 и 7 јули во неговата приватна резиденција, а неговата сопруга, која исто така беше ранета во овој напад, е во критична состојба и е пренесена во болница во Мајами.