Израелскиот амбасадор во ООН, Гилад Ердан, кој учествуваше на состаноците на Генералното собрание на ООН, ја напушти салата за време на обраќањето на турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган, кој остро го критикуваше Израел.

Израелскиот амбасадор го обвини Ердоган дека „продолжува да шири лаги и антисемитски изјави против Израел“, пренесува „Џерусалим пост“.

Амбасадорот ја напушти салата, додека Ердоган, за време на претходно снименото обраќање, го критикуваше Израел за, како што рече, политиката на „угнетување, насилство и заплашување“ кон Палестина, додаде Анадолија.

Ердоган рече дека „окупацијата и угнетувањето на Палестина е крвава рана на човештвото“, како и дека „валканата рака на Израел“ постојано ја зголемува дрскоста во светите места во Ерусалим.

„Палестинскиот народ мора да се спротивстави на израелската политика на угнетување, насилство и заплашување, која трае повеќе од половина век“, рече турскиот претседател.