Вирусот корона однесе повеќе од 570.000 животи и зарази најмалку 13 милиони луѓе ширум светот. Сепак, за потеклото на оваа болест сè уште се шпекулира. Затоа СЗО одлучи да испрати тим од своите научници во Кина, земја од која потекнува вирусот, со цел да се реши дилемата и да му овозможи на светот да ја дознае вистината како корона вирусот од животните се префрли кај луѓето.

Светската здравствена организација испрати двајца свои експерти во Кина за да започнат истрага за потеклото на вирусот.

Според оваа организација, претходницата треба да ги утврди чекорите и задачите што мисијата ќе ги следи за време на истрагата.

Целта на мисијата е да се утврди кои животни се носители на вирусот Ковид-19 и како болеста успеа да се шири кај луѓето – рече д-р Мајк Рајан, извршен директор во СЗО, пренесува Си-Ен-Ен.

Двочлениот тим што пристигна во Кина го сочинуваат двајца експерти – експерт за здравство на животни и епидемиолог. Овој тим е претходница на мисијата во Кина, а нивна задача е да го утврдат планот за работа и да организираат поширока истрага што треба да го открие потеклото на вирусот корона.

Според СЗО, двајцата експерти треба да дадат одговори на две многу важни прашања:

  • Кое животно беше домаќин посредник, со оглед дека е утврдено дека вирусот потекнува од лилјаци?
  • Како вирусот премина од животно во човекот?

Мисијата ќе започне со работа по повеќемесечните политички тензии меѓу САД, Кина и СЗО.

СЗО беше нападната поради нејзините односи со Кина, а Трамп донесе одлука САД да се повлечат од СЗО.

Тензиите дополнително се вжештија откако се појавија информации дека Кинезите пронашле сој на вирусот корона уште пред седум години, но не кажале ниту збор за тоа.

Истрагата на „Сандеј тајмс“ покажа дека најблискиот „вирус“ на вирусот корона, кој е пронајден досега, е откриен во напуштен рудник во 2013 година и однесен во лабораторија во Вухан.

Пронајден е во лилјак во рудник за бакар полн со стаорци во југозападна Кина. Шест рудари се здобија со треска, кашлица и пмевмонија во 2012 година, откако работеа во рудникот, а двајца од нив починаа.


Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *