Светската здравствена организација (СЗО) ја повика Европа во четвртокот посилно да реагира на „алармантната состојба“ предизвикана од новиот, позаразен вид на коронавирус, додека во Франција се идентификувани две ризични групи.

„Ова е алармантна ситуација, што значи дека наскоро ќе мора да преземеме посилни мерки отколку порано“, рече директорот на СЗО за Европа, Ханс Клуге, за време на видео-конференција.

Дваесет и две од 53 земји во Европа, вклучително и Русија, досега имале случаи поврзани со новиот вид, соопшти СЗО.

Според организацијата, повеќе од 27,6 милиони случаи и 603 000 смртни случаи се потврдени во Европа.

Новиот вид може постепено да ги замени другите што циркулираат во регионот, како што е забележано во Велика Британија и Данска.

Франција во четвртокот објави дека биле откриени две „ризични групи“ на нејзината територија. Вкупно 19 случаи на инфекција на таа варијанта се потврдени низ целата земја, како и три други варијанти кои првично беа откриени во Јужна Африка, прецизира Министерството за здравство.