Светската здравствена организација (СЗО) не препорачува имунизација против КОВИД-19 со две различни вакцини кога се потребни две дози, јави ДПА.

Портпаролката на организацијата, Маргарет Харис, вчера изјави дека нема доволно податоци за можните ризици од примена на првата доза на вакцина АстраЗенека и втората, вакцина од друга компанија.

Во својата изјава, Харис се осврна на прелиминарната препорака од експертска советничка група во февруари. Според препораката, двете дози треба да бидат од иста вакцина.

Во Германија постои одреден притисок да се прибегне кон токму такво вкрстено вакцинирање, бидејќи луѓето под 60-годишна возраст веќе не се имунизирани со АстраЗенека поради ризик од згрутчување на крвта.

Сепак, според министерот за здравство Јенс Спан, на 2,2 милиони Германци на возраст под 60 години веќе им е дадена првата доза на лекот, а сега се поставува прашањето како овие луѓе ќе добијат целосна заштита од вакцинација, за што е потребна втора доза.

Без доволно податоци за можните ризици, не треба да се прави втора вакцинација со различна вакцина, рече Еуген Брих, претседател на Германската фондација за заштита на пациенти.

Постојаниот комитет за вакцинација (Стико) препорачува луѓето кои веќе ја примиле првата доза на вакцина AstraZeneca, да добијат втора доза на RNA вакцина, Pfizer / BioNTech или Moderna, 12 недели по првата. Сепак, одлука за ова сè уште не е донесена.