Колективниот имунитет нема да се постигне оваа година, иако дистрибуцијата на вакцини започна во многу земји, предупреди Светската здравствена организација (СЗО).

„Во 2021 година нема да постигнеме колективен имунитет“, рече главниот научник на СЗО, Соум Сваминатан на конференција во Женева, нагласувајќи ја важноста на понатамошните заштитни мерки во борбата против пандемијата, како што се одржување на физичка дистанца, миење раце и носење маска.

Таа го пофали „неверојатниот напредок“ што го постигнаа научниците кога за помалку од една година успеаја да развијат неколку безбедни и ефикасни вакцини против Ковид-19.

Сепак, за нивното производство „ќе биде потребно време“.

„Потребно е време за масовно производство, не само милиони, туку милијарди дози“, додаде таа, повикувајќи на „трпеливост“, додавајќи дека „на крајот вакцината ќе дојде во сите земји“.

Според неа, потребно е да се продолжи со спроведување на епидемиолошки и социјални мерки со цел да се ограничи преносот на вирусот „барем до крајот на оваа година“.