Светската здравствена организација (СЗО) објави дека новиот вид коронавирус откриен во Велика Британија, за кој се покажа дека се шири побрзо од претходната варијанта, „не е надвор од контрола“.

“Имавме R0 (стапка на репродукција на вируси) многу поголема од 1,5, па затоа ја ставивме под контрола. Затоа, оваа ситуација не е надвор од контрола во таа смисла”, изјави раководителот на тимот за итни случаи на СЗО Мајкл Рајан на прес-конференција во Женева.

Според СЗО, едно лице кое ќе се зарази со новиот вид на коронавирус, инфицира во просек уште 1,5 лица, додека тој број во Велика Британија е 1,1 за претходно познатите варијанти на вирусот.

Марија Ван Керхове, техничкиот раководител на СЗО за ковид-19, рече дека новиот вид на коронавирус, иако позаразен, не предизвикува потешки форми на болеста или повеќе смртни случаи, повикувајќи се на британските анализи.

СЗО исто така објави дека наскоро очекува повеќе детали за можното влијание на новиот многу заразен вид на коронавирус, додека голем број земји ги затворија границите за патување од Велика Британија од страв од негово ширење.

СЗО објави дека новиот вид што ја вознемири Велика Британија е пронајден и кај лица во Австралија, Исланд, Италија и Холандија, како и дека има повеќе случаи во Данска.

СЗО исто така истакна дека ова е нормална фаза во еволуцијата на пандемијата.

“Треба да најдеме рамнотежа. Транспарентноста е многу важна, многу е важно да и се каже на јавноста како стојат работите, но исто така е важно да се пренесат информациите дека ова е нормална фаза во еволуцијата на вирусот”, рече Мајк Рајан.

СЗО додава дека вакцината развиена за запирање на пандемијата со ковид-19, треба да делува и врз новиот вид, но во моментов се водат проверки за да се потврди точноста на тоа тврдење.