Втората година од пандемијата на вирусот корона може да биде уште потешка од првата, изјави директорот на програмата за итни случаи на Светската здравствена организација, Мајкл Рајан.

Влегуваме во втората година од пандемијата, која може да биде уште потешка, имајќи ја предвид динамиката на ширење на вирусот корона и одредени проблеми што ги забележуваме, рече Рајан.

Тој посочи дека податоците, кои СЗО ги доби во последните две недели, укажуваат на тоа дека болеста „повторно го достигнала својот врв“.

Според Рајан, „идеална бура“ е забележана на северната хемисфера, особено во Европа и Северна Америка. Фактори што доведоа до ширење на заразната болест се мразовите, собирање на луѓе во затворени простории, како и циркулацијата на нови соеви на вирусот, додаде Рајан.

Според СЗО, бројот на лица заразени со корона ширум светот надмина 90 милиони, додека скоро два милиони луѓе починаа од новата болест.