Комисијата за заразни болести предлага 14 дневна самоизолација за патниците од Велика Британија. Ова е предлог мерка од утринскиот состанок на Комисијата за сите граѓани кои во земјава со директни летови ќе дојдат од Велика Британија, објави министерот за здравство, Венко Филипче и додаде:

Предлог мерката ќе биде предложена на координативниот штаб, а ја донесовме по информациите дека нова мутација на ковид-19, се шири во Англија и според првичните епидемиолошки анализи е позаразна. Засега, Комисијата не ја разгледува опцијата за предложување на дополнителна мерка.

Светската здравствена организација сè уште нема докази дека новиот вид на ковид-19 ќе доведе до зголемена смртност.

Тоа го рече еден од директорите на таа организација, Силви Бријан, за француската телевизија БФМ.

“Вирусите се менуваат и тоа што се случи сега не е изненадување. Со цел да утврдиме дали мутацијата ќе има влијание врз здравјето на луѓето, ќе мора да направиме дополнителни истражувања во лабораторијата. Во овој момент, не гледаме промена на стапката на смртност”, рече Бријан.

Таа додаде дека се потребни истражувања и за тоа дали новиот вид ќе влијае на ефективноста на вакцините против ковид-19.

“Досега се чини дека новиот тип на ковид-19 многу малку ќе може да делува врз ефективноста на вакцините. Верувам дека мерките преземени во Велика Британија ќе имаат ефект врз запирање на ширењето на новиот вид вирус до масовна вакцинација на граѓаните”, рече Бријан.