Научниците на СЗО ја завршија првичната истрагата во Вухан за потекло на корона вирусот!

Светската здравствена организација (СЗО) објави дека тимот што го истражува потеклото на пандемијата на корона вирусот ја заврши својата мисија во Кина и порача дека таа агенција на ООН се подготвува да распореди поголема група експерти во областа каде постои сомневање дека за прв пат е појавена пандемијата.

Тимот на СЗО, кој го испитува потеклото на Ковид 19 во Кина, рече дека вирусот, најверојатно, потекнува од лилјаци и дека најверојатно имало и друго животно домаќин како медијатор.

Резултатите од истрагата на СЗО со нетрпение ги очекуваат научниците и владите ширум светот, пренесува Ројтерс.

Тимот разговараше со кинески колеги и доби информации за епидемиолошки студии, биолошки и генетски анализи и ветеринарни истражувања – рече портпаролот на СЗО, Кристијан Линдмаер.

Тој додаде дека имало и видео разговори со вирусолози и научници од Вухан.

Генералниот директор на СЗО, Тедрос Аданом Гебрејесус, изјави дека дополнителен меѓународен тим ќе биде испратен во кинескиот град Вухан, каде се верува дека пандемијата избувна кон крајот на минатата година.

Тој додаде дека „проектните задачи“ биле дизајнирани од СЗО и Кина, но тој не прецизираше какви се задачите.

Извршниот директор на СЗО за вонредни ситуации Мајкл Рајан посочи дека има „празнини во епидемиолошкиот пејзаж“ и рече дека ќе се изврши проценката на соодветни студии и собраните податоци.

Рајан рече дека е вистински предизвик да се оди во првите жаришта и потоа со “систематско барање на првиот сигнал” да се пронајде патот до моментот кога е премината бариерата меѓу животните и луѓето.


Напишете коментар