Специјализираното обвинителство на Косово со седиште во Хаг смета дека Хашим Тачи и тројца други членови на Генералштабот на ОВК треба да останат во притвор затоа што постои реална опасност од влијание и заплашување на сведоците, како и ризик од мобилизирање на приврзаници и попречување на постапките пред специјализираните совети на Косово (попознат како Суд за злосторствата на ОВК).

Во овие околности, барем додека не бидат сослушани сведоците и да се обезбедат докази, притворот е неопходен, се вели во барањето на обвинителството за нивно притворање, кое беше објавено денес во проширена верзија, на 22 страници.

Одбраната вчера објави дека ќе побара да им се укине притворот и можност одбраната да ги изнесе своите против-аргументи до судот за нивно привремено ослободување.

Обвинителството потсетува дека во времето наведено во Обвинението, осомничените им биле претпоставени на многу потенцијални сведоци на Обвинителството и дека тие продолжиле и понатаму да имаат високи позиции на авторитет и влијание.

Тие имаат средства, мотив и можност да влијаат врз сведоци, жртви или соучесници и на друг начин да ја попречуваат постапката, рече обвинителството, објаснувајќи детално за начините на кои Тачи и Кадри Весели и Здружението на воените ветерани на ОВК влијаеле за обвинителството и судот да се укинат.

Во својот поднесок, обвинителството, меѓу другото, потсетува дека Здружението на борците на ОВК, со околу 40 000 члена, побара укинување на Законот за основање на специјализирано обвинителство и суд и дека се спротивставуваше на претходните обиди за гонење поранешни припадници на ОВК за воени злосторства.

Исто така беше посочено дека постои сомневање дека владини претставници на Косово, лојални на Тачи и Весели, неодамна извршиле коруптивни исплати на потенцијални сведоци на обвинителството, наводно за „патни трошоци“, иако сите патни трошоци ги плаќа Хашкиот трибунал.

Обвинителството потсети на заплашувањето на сведоците од Косово во случаите против Фатмир Љимај и Рамуш Харадинај, како и за случаите „Думаку“ и „Балај“.

Судот посочи дека сведоците или се повлекле од сведочење или дури ги смениле исказите со лажно сведочење и дека истата опасност се заканува и сега.

Покрај Тачи и Весели, во обвинението на обвинителството се и Јакуп Красниќи и Реџеп Селими.

Тие се обвинети за 10 точки за злосторства против човештвото и воени злосторства извршени преку заедничко злосторничко дело, заедно со голем број други припадници на ОВК.