Сомнежот дека пандемијата со ковид-19 започнала од лабораторијата во Вухан има поголема тежина отколку што се сметаше порано.

Волстрит журнал објави нови разузнавачки информации од Соединетите држави, што укажува на тоа дека сомнежот дека пандемијата со корона започнала од лабораторијата во Вухан има поголема тежина отколку што се сметаше порано.

Имено, во извештајот на американската разузнавачка служба се наведува дека неколку истражувачи од кинескиот институт за вирусологија во Вухан се разболеле во ноември 2019 година и дека биле хоспитализирани поради тоа.

Веста за болеста на тројца истражувачи од лабораторијата во Вухан се појави во јавноста пред крајот на администрацијата на Доналд Трамп, но таа тогаш беше интонирана поинаку и беше помалку прецизна.

Претходните извештаи регистрираа болест на неколку вработени во лабораторијата за истражување на коронавирус и други патогени микроорганизми пред крајот на 2019 година, со тезата дека оваа болест може да биде последица на коронавирус или други сезонски болести, како што е грипот.

Но, новите извештаи даваат поточни податоци за времето на заболување на вработените во лабораторијата во Вухан, како и за бројот на луѓе кои се разболеле, додека фактот дека им била потребна хоспитализација зборува за малите шанси дека друг патоген освен САРС-CoV-2 може да предизвика нивно заболување, пренесува Јутарњи лист.

Пандемијата со ковид-19 започна во Вухан на крајот на 2019 година. Кинеските власти тврдат дека првиот случај е регистриран на 8 октомври. Иако беше логично да се заклучи дека вирусот е пренесен на луѓето од лилјаци во лабораторијата во Вухан, кинеските власти го негираа тоа. На сите прашања кинеските власти досега одговорија дека САД ја преувеличуваат теоријата за бегство на вирусот од лабораторијата.

Дејвид Ашер, поранешен службеник на Стејт департментот кој го истражувал потеклото на вирусот, коментира дека не верува дека во лабораторијата тројца научници можеле да бидат заразени со друг патоген, како што е вирусот на обичен грип. Факт е дека тие работеле со коронавируси и дека се разболеле и завршиле во болница.

Портпарол на националната безбедност не го коментираше извештајот на Волстрит журнал, но рече дека новата американска администрација сè уште има „сериозни прашања во врска со раните денови на пандемијата, вклучително и за нејзиното потекло од Народна Република Кина“.

Таа додаде дека не сакаат да ги прејудицираат заклучоците од студијата на Светската здравствена организација за потеклото на вирусот, но тие бараат детално да се испитаат сите веродостојни теории.

Уште во март, САД, Норвешка, Канада и Велика Британија изразија загриженост за насоката на истрагата на СЗП за потеклото на пандемијата и побараа дополнителни верификации на податоците од раните фази на ширењето на болеста.