Турција денес ги отфрли обвинувањата за кршење на човековите права во северна Сирија, како што се наведува во извештајот на Анкетната комисија на ООН.

Ние категорично ги отфрламе неоснованите обвинувања за кршење на човековите права што се упатени против сириската опозиција и нашата земја – се наведува во соопштението на турското Министерство за надворешни работи.

Претходно оваа недела, истражителите на ООН во извештајот што се однесува на првите шест месеци од оваа година изјавија дека Турција треба да ги контролира сириските бунтовници кои ги поддржува во северна Сирија, кои најверојатно извршиле киднапирања, тортура и грабежи на цивилен имот.

Високиот комесар на ООН за човекови права Мишел Башелет рече дека состојбата со човековите права во делови од северна Сирија изгледа мрачна и ја повика Турција да обезбеди прекинување на кршењето на човековите права извршени од вооружени групи контролирани од Анкара.

Таа ја повика Турција веднаш да започне непристрасна, транспарентна и независна истрага за пријавените инциденти.

Анкара ги отфрли критиките и ги нарече неосновани.

Анкара ги поддржува бунтовниците кои се борат против силите на сирискиот претседател Башар ал Асад. Турција во прекуграничните операции презеде контрола над неколку градови во близина на нејзината северна граница.