Хрватскиот премиер Андреј Пленковиќ го обвини хрватскиот претседател Зоран Милановиќ дека по неговите изјави за Бугарија се регистрирани два инциденти.

Според извештајот на бугарскиот амбасадор во Хрватска, Генка Весилева Георгиева , во последните неколку дена, по изјавата на претседателот Зоран Милановиќ , во Загреб се евидентирани три инциденти со бугарски државјани, пренесува Јутарњи лист.

Пред осум дена, Милановиќ на Брдо кај Крањ рече дека Северна Македонија е во невозможна позиција и дека „членка на Унијата влегува во нејзиниот интимен простор со барањето во учебниците по историја својата национална генеза да ја дефинира така како што бара соседната држава. Тој не ја именуваше Бугарија, но хрватската амбасадорка во Софија Јасна Огњановац беше повикана на разговор во бугарското Министерство за надворешни работи, каде и беше речено дека изјавите на Милановиќ се неприфатливи.

Според Јутарњи лист , првата мета била постара жена, со бугарско државјанство, која била нападната од таксист. Според извештајот, таа влегла во такси, а тој остро и префрлил дека таа премногу силно ја затворила вратата. Ја прашал од каде е, а потоа вербално ја нападнал. Го запре автомобилот и ја замоли дамата да плати и да излезе. Кога го замолила да и помогне во торбите од багажникот, тој грубо ја фрлил торбата по што таа паднала на подот.

Друга бугарска државјанка пријавила дека кон нејзиниот сопруг биле фрлени предмети на пазарот. По дебатата за потеклото на стоката што се продава, продавачот започна да го навредува бугарскиот државјанин, бидејќи, како што се наведува во извештајот, Бугарија ја уценува несреќната Македонија.

Во третиот случај, наводно, на синот на една бугарска државјанка му е забранет пристап во градинка во Загреб. Но, по сомнежите за дискриминација на детето и интервенција во амбасадата, случајот беше решен.

Овие случаите ги спомена и хрватскиот премиер Андреј Пленковиќ, кој му префрли на Милановиќ дека се регистрирани два инциденти по неговите изјави за Бугарија.

После тоа, Милановиќ му одговори од Слуњ и рече дека премиерот треска глупости за нападот врз Бугарите.

За каков инцидент зборува Пленковиќ? Тоа е сериозно обвинување. Реков за него дека е комедијаш. Сега јас сум бил хушкач! Поради што сум хушкач? Затоа што предупредив дека политиката на една држава кон друга држава е некоректна и дека е тоа покажување сила кон послабите, рече Милановиќ.

Пленковиќ му одговори и рече дека тој хушкач и измамник е одговорен за пријавата што дошла до Министерството за надворешни и економски работи и до владата од бугарската амбасада заради нападот врз тројца бугарски државјани затоа што тој зборувал нешто на Брдо кај Крањ.