Македонија запиша висок пораз на отворањето на Светското првенство во Египет, откако со 32-20 го загуби натпреварот против селекцијата на Шведска. Момците на Данило Брестовац потфрлија во секој сегмент од играта против разиграните Скандинавци, а Филип Талески вели дека не треба да се бараат алиби за лошата игра и побара трпение од македонската ракометна јавност и од фановите.

„Како што кажа и Кузмановски, не треба да бараме алиби за лошиот настап. Едноставно не одигравме како што требаше, како што беше договорено, не бевме борбени во одбрана и сигурни во напад. Знаеме дека од нас се очекува да играме добро, да победуваме. Верувајте, и ние сакаме, но треба трпение. Самите сме виновни, но пак ќе речам имајте трпение со нас, ни треба уште време за да се изградиме и да преземеме сè во наши раце“, рече Талески.