„Ќе го продолжиме овој процес преку сите правни аспекти, за да обезбедиме американскиот народ да има доверба во нашата влада. Никогаш нема да се откажеме од борбата за вас и нашата нација“, порача денес Трамп во соопштение кое го пренесе Белата куќа.

Неговите најблиски соработници, вклучувајќи ги возрасните синови, досега го охрабруваа во тоа и почнаа агресивна кампања на оспорување на резултатите пред судовите, вршејќи притисок врз други републиканци да го бранат, пренесува Си-ен-ен.

„Тој е во борбено расположение“, кажа за Си-ен-ен извор близок до американскиот претседател. „Мисли дека е во негов интерес да се бори“.

Американскиот устав не бара кандидат да признае пораз, но тоа е долга традиција во американската политика и се смета за знак на мирно предавање на власта.

Неговиот противкандидат Џозеф Бајден од демократската партија денес ја зголеми тесната предност во Пенсилванија и Џорџија, три дена по затворањето на гласачките места.

Како ослабуваа неговите шанси за реизбор, Трамп ги засилуваше неоснованите напади врз резултатите, тврдејќи дека изборите се украдени.

Правните експерти тврдат дека е малку веројатно дека неговите тужби низ клучните држави ќе имаат влијание врз исходот на изборите.