Љупчо Нешков, сопственикот на агенцијата БГНЕС, кој го снимаше интервјуто со македонскиот премиер Зоран Заев, бил син на Темелко Нешков, кој на 16 годишна возраст 1944 година заминува во партизани.

Темелко Нешков е роден 1928 година во прилепското село Бело Поле. Со неполни 16 години заминува во партизани на планината Kараорман. Партизанскиот командант го враќа младиот Темелко дома, но тој е упорен и по неколку дена повторно бега во партизани и таму останува до крајот на војната.

Во својата книга Нешков пишува дека кај неговиот татко често доаѓал Илија Чашуле. таткото на познатиот македонски писател, Коле Чашуле. Коле Чашуле во тој период веќе бил во партизани, но според Нешков, ниту татко му, ниту, пак, татко то на Чашуле не го одобрувале тоа. Според Нешков тие сметале дека преку партизаните Србите сакале да ја спроведат својата политика во Македонија.

Но и покрај тоа, Темелко Нешков сепак решил да замине во партизани. Како што пишува за тоа го информирал татко му кој бил категорично против. Против биле и пријателите на татко му Илија Чашуле и Милан Ѓорлукот кои постојано му повторувале: Каде ќе одиш знаеш дека се таму Србите и српската политика?

Сепак во април 1944 година, на 16-годишна возраст со својот пријател Зоран Божинов тој заминува во партизани на планината Караорман.

Во неговата книга пишува за средби и контакти со Васко Карангелевски кој подоцна станува генерал во ЈНА и загинува во неразјаснети околности. Со Карангелевски како партизани одат со селото Тушле во Егејска Македонија.

Како што самиот пишува, тој е воспитуван дека по националност е Бугарин, но не може да се помири со идентификацијата дека сите Бугари се фашисти и злосторници.

По војната осуден е на затворска казна како дел од заговорничката група на Ангел Мишев. Групата е откриена, членовите се уапсени и осудени и така почнува неговата голгота. Од затвор излегува на 29 ноември 1955 година. Бил затворен во Идризово и во Добој во Босна и Херцеговина.

По втор пат е апсен и излегува од затвор на 3 октомври 1962 година.

На 10 февруари 1977 година службата на државната безбедност и началникот на УДБА, Иван Бабамовски влегуваат во неговиот дом и го апсат по трет пат. Како што пишува тој во својата книга, Бабамовски имал наредба да го уапси и неговиот син, осумгодишниот Љупчо Нешков кој е сега сопственик на БГНЕС.

Бидејќи има нарушено здравје заедно со неговата ќерка заминува на лечење во Виена. Од Виена заминува во Белгија каде добива политички азил. По извесно време во Белгија му се придружуваат и жена му Данка и синот Љупчо, а семејството живее со документи и помош од Kомитетот за бегалци на Обединетите нации.

Како што пишува Темелко Нешков, Иван Бабамовски ќе го направи последниот напор да не дозволи жена му и синот да заминат за Белгија, но тоа нема да му се оствари.

По неколкугодишен престој во Белгија, поднесува барање и му е одобрено да се насели во Бугарија во времето на Тодор Живков.

Умира во декември 2013 година во Софија.