Имаат Бугарите едно потемкиново село во Македонија кое им прави големи проблеми, а тоа е бројот на Македонци кои имаат бугарски пасоши. Фрлија многу пари во таа операција, се расфрлаа со бројки и цифри како пијани милионери, лицитирајќи со 80, 100 или 150 илјади Македонци кои се со бугарски пасоши, а тие според нивното гледање на работите се македонски Бугари, и секогаш кога ќе дојдат во ситуација тоа да го потврдат низ некоја конкретна операција таа стратегија им крахира како стар тарабант.

Без разлика дали се работи за избори ( за ЕУ или бугарски избори) без разлика дали станува збор за попис во Македонија. Во ниту едниот од тие два случаи бројот на Бугари во Македонија не е поголем од три до пет илјади.

Последно беше оној смешен обид на бугарскиот претседател, Румен Радев да го проблематизира пописот во Македонјија откога пописот веќе заврши. И тоа го прават свесно. Ако почнат да се расфрлаат со такви барања пред да почне пописот тогаш ќе бидат смешни, бидејќи сите знаат дека во Македонија има мноогу помалку Бугари од тие весели математики кои ги прават во Софија. Затоа Радев мудро молчеше да помине пописот, а потоа почна да галами дека на пописот не биле попишани Бугарите.

Во интервјуто за емисијата Во Центар, која се емитува на youtube, директорот на ДЗС, Апостол Симовски изјави дека сите кои сакале да се попишат како Бугари тоа им било и дозволено и овозможено. За разлика од Македонците во Бугарија на кои не им се дозволува да се попишат како Македонци на поиписот во Бугарија, во Македонија таа грешка не се прави.

И кога ќе бидат објавени резултатите од пописот сите ќе сфатат дека тешките пари потрошени од Какарачанов и Захариева во една потемкиново село операција била само залудно трошење пари, од кои пари некој можеби и се офајдил.

Затоа тоа мафтање со некаков протокол 5 плус 1, каде се говори за правата и попишувањето на Бугарите во Македонија е само галамење пред изборите и покажување мускули за внатрешна употреба во Бугарија.