Бахреин не презема никакви чекори во надворешната политика без одобрување од Саудиска Арабија.

Американскиот претседател Доналд Трамп и лидерите на Бахреин и Израел, кралот Хамад и премиерот Бенјамин Нетанјаху, во петокот издадоа заедничко соопштение во кое се вели дека „се согласиле да воспостават полноправни дипломатски односи меѓу Израел и Кралството Бахреин”.

Церемонијата на потпишување на „историската декларација за мир“ треба да се одржи во вторник во Белата куќа, истиот ден кога ќе биде потпишан договорот ОАЕ и Израел. Така, Бахреин ќе стане втора арапска земја што ги нормализира односите со Израел со интервенцијата на Трамп. Обединетите Арапски Емирати тоа го направија пред еден месец.

„Ни требаа 26 години помеѓу вториот мировен договор со арапската земја и третиот, но само 29 дена помеѓу третиот и четвртиот. И ќе има уште “, рече израелскиот премиер Нетанјаху, осврнувајќи се на мировниот договор со Јордан во 1994 година.

Така, Бахреин стана четвртата арапска земја што потпиша мировен договор со Израел, по Египет, Јордан и ОАЕ. Но, експертите посочуваат дека Бахреин никогаш не бил во војна со Израел, не граничи со него и всушност работел на воспоставување односи со години.

Сепак, тоа не го спречи Трамп да каже дека „дури и големите воини се замориле од борби и им е доста од војување”.

Во секој случај станува збор за уште една дипломатска победа на Трамп.

На помалку од два месеци до изборите во САД, ова е една од најдобрите можности да ја зајакне поддршката меѓу гласачите кои го поддржуваат Израел и да обезбеди победа во сојузната држава Флорида, каде што судбината на Израел е важно политичко прашање поради зголемените економски врски и соработката на вселенската програма.

Приврзаниците на Трамп сметаат дека овој потег е уште еден доказ за „дипломатските способности“ на Трамп, кој треба да биде награден со Нобелова награда за мир.

Палестина го нарече договорот „предавство на Ерусалим и Палестинците“. Иран рече дека станува збор за „големо предавство“, а Турција остро ја осуди одлуката на Бахреин да воспостави дипломатски односи со Израел. Палестина се обиде да ја убеди Арапската лига да ги осуди ОАЕ, но наиде на презир и предупредување да не се „мешаат во одлуките за надворешна политика“ на земјите членки.

Експертот за палестинскито прашање, Џехад Харб изјави за NYT дека ова е јасен показател дека веќе не важи арапскиот став, дека е прво потребно формирање на независна палестинска држава, а дури потоа нормализирање на односите со Израел.

Потегот на Бахреин е потврда за новата реалност, рече Харб. САД, кои сега се полни со самодоверба, се надеваат дека другите арапски земји, пред се Оман и Судан, наскоро ќе им се придружат во признавањето на Израел. Но, најважното прашање останува дали ќе им се придружи и “газдата во регионот”, Саудиска Арабија.

„Бахреин не презема никакви чекори во надворешната политика без одобрение од Саудиска Арабија. „Затоа, тоа е начин да се сигнализира дека следното раководство на Саудиска Арабија ја поддржува идејата за арапско-израелска нормализација“.