Турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган, во телефонскиот разговор со палестинските лидери, вети дека ќе го мобилизира светот да го запре израелскиот терор.

Во разговорот со палестинскиот претседател Махмуд Абас и лидерот на Хамас Исмаил Ханиех, Ердоган ги осуди постапките на Израел и им даде дополнителна поддршка, пренесува Ал Џезира.

Турскиот лидер вети дека „ќе стори сé што е во негова моќ да го мобилизира светот, почнувајќи од исламскиот свет, за да се запре израелскиот терор и окупација“, соопшти неговиот кабинет.

Во меѓувреме, палестинските медицински служби ги зголемија бројките на убиени Палестинци на 20 за време на израелските воздушни напади.

Израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху предупреди дека палестинската милитантна група Хамас ја преминала црвената линија со ракетниот напад врз Ерусалим.

Тој најави остар одговор.

Ние нема да толерираме напади врз нашата територија, врз нашиот главен град, нашите граѓани и војници. Кој и да не нападне, ќе плати скапо, истакна Нетанјаху, пренесува АП.

Претходно, во Ерусалим одекнаа експлозии, неколку минути откако стапи на сила ултиматумот на Хамас испратен до израелската влада да ги повлече безбедносните сили од областа на џамијата Ал Акса во Ерусалим.

Претставник на военото крило на Хамас, Абу Обеида, изјави дека ракетните напади се одговор на, како што рече, злосторството и агресијата што Израел ги прави во Ерусалим.

Израелските одбранбени сили потврдија дека воените авиони го гранатирале тунелот на Хамас во Газа.

Најмалку 20 Палестинци, вклучително и девет деца, беа убиени вечерва во израелскиот напад врз појасот Газа, се вели во соопштението на Министерството за здравство на палестинската енклава. Најмалку 65 лица беа повредени.

Израелски беспилотно летало истрела ракети врз група луѓе на истокот од Бејт Ханун. Нападот беше одговор на еврејската држава на лансирањето ракети кон Ерусалим. Според израелската армија, биле истрелани 45 ракети.

Советот за безбедност на ООН денеска одржа итни консултации поради ескалацијата на насилството во источен Ерусалим и ја разгледа предложената изјава во која се повикува Израел да престане со иселувањето на Палестинците, воздржаност и почитување на историскиот статус кво на светите места во Ерусалим.

Ирската амбасадорка во ООН, Џералдин Берни Најсон, посочи дека Советот за безбедност треба итно да се изјасни, изразувајќи надеж дека тоа ќе се случи денес.

Дипломатски извори на АП наведуваат дека сите 15 членки изразиле загриженост во врска со конфликтот и зголемувањето на насилството.

Сепак, Соединетите држави, најблискиот сојузник на Израел, сметаат дека изјавата можеби не била корисна во овој момент, но сепак се согласиле експертите на СБОН да ги продолжат разговорите откако сите други членови рекоа дека ова тело мора итно да реагира.

Нацрт-изјавата ќе изрази сериозна загриженост на СБОН во врска со ескалацијата на напнатоста и насилството на Западниот брег, вклучително и источен Ерусалим и можноста за иселување на палестинските семејства од Џарах и Силван во источен Ерусалим, кои живеат таму со генерации. Предложениот текст на изјавата го повикува Израел да престане со населување, уривање и емиграциски активности, вклучително и во Источен Ерусалим, во согласност со меѓународното хуманитарно право и да се воздржи од еднострани чекори што ги зголемуваат тензиите и ја нарушуваат одржливоста на израелско-палестинскиот конфликт.

Во изјавата би бил упатен повик до сите да го почитуваат историскиот статус на светите места во Ерусалим и апел дека на муслиманските аџии на светите места треба да им биде дозволено да се молат и да се поклонуваат во мир, без насилство, закани и провокации.