Резултатите од излезните анкети ги потврдија предизборните предвидувања дека исходот од денешните избори во Германија ќе биде предвидлив со стабилна предност на СДП од 1,5 до два проценти разлика во нивна корист.

Во изборната единица во Мекленбург-Западна Померанија, во која актуелната канцеларка Ангела Меркел добиваше директен мандат осум пати по ред, кандидатката на социјалдемократите, Ана Касауцки, победи на парламентарните избори.

Меркел победуваше во оваа изборна единица од 1990 година, пренесуваат германските медиуми.

Кандидатот на ЦДУ Георг Гинтер го освои само третото место зад претставникот на десничарската Алтернатива за Германија.

Излезните анкети покажуваат дека на федерално ниво СДП или германските социјалдемократи имаат околу 26 проценти, додека демохристијаните или коалицијата на ЦДУ / ЦСУ имаат околу 24 проценти, што е најлош резултат на оваа партија во историјата.

Официјалните претставници на ЦДУ беа разочарани и ова го кажаа јасно додека ги слушаа првите проценки на резултатите

Дури и ако успеат да формираат влада, лошиот резултат ќе биде повод внатрешните фракции да го искористат за конфликти, пред се Маркус Содер, водачот на Баварската Христијанско-социјална унија (ЦСУ), сестринската партија на Демохристијанската Унија. Во еден момент, Содер беше во игра за кандидатот за канцелар, но тој се повлече во корист на Армин Лашет, кога беше поддржан од германската канцеларка во заминување Ангела Меркел.

СПД на Олаф Шолц може да бидат супер задоволни затоа што ја започнаа кампањата со анкетна поддршка од 15 отсто, од третата позиција, а сега е на чекор да биде победник на изборите.

Зелените останаа само трети, во интервалот меѓу 14 и 15 отсто, што е подобар резултат за 4 отсто од пред четири години, но далеку под очекувањата што беа изградени до летото кога водеа во анкетите со 28 отсто. Ова ги става во исклучително лоша позиција бидејќи ја губат позицијата на силна партија и се речиси еднакви со Либералите (ФДП). Зелените ќе треба да бидат повеќе склони кон компромис во однос на СПД.

Либералите се на 11 отсто и остануваат клучен фактор за формирање коалиција. Што ќе ја отежне ситуацијата за СПД бидејќи прашањето е дали радикалната Левица ќе влезе во Бундестагот. Анкетите покажуваат дека во моментот се под границата од пет отсто, а тоа е прагот за влез во Парламентот.

Радикалната десничарска Алтернатива за Германија изнесува 11 отсто, што е пад од речиси 2 отсто во споредба со изборите пред четири години и покажува дека оваа политичка опција нема простор за раст во сегашните околности.

Од овие резултати можеме да го заклучиме следново, пишува Јутарњи лист:

Олаф Шолц е големиот победник на овие избори. Тој ја крена партијата на умирање од мртвите и ја претвори во лидер. Токму спротивното од Мартин Шулц пред четири години, кој тргна од високо прво место, а потоа падна на слабо второ место.

Армин Лашет е голем губитник. Ако Ангела Меркел не беше силно вклучена активно во последната недела од кампањата, СПД веќе ќе славеше уште поубедлива победа.

Зелените беа разочарани. Се покажа дека тие се уште не биле подготвени за предизвици на федерално ниво.

Разбирливо е дека кандидатот за канцелар Аналена Бербок ќе доживее најмногу критики. Заслужено. Но, внатрепартиските разлики и конфликти се исто така одговорни за лошиот резултат. Тие треба да го следат примерот на СПД.

Либералите ја задржаа позицијата што ја сакаа. Тие ќе бидат барани деновиве, а нивниот лидер Кристијан Линднер веќе се гледа како министер за финансии.

Радикалните опции, и лево и десно, повеќе не се во преден план. Германскиот електорат покажа дека е заинтересиран за безбедноста и партиите што нудат реални програми. Тоа е добра вест за цела Европа.