Грчката полиција денес објави дека запленила 500.000 таблети екстази и уапсила три лица, осомничени дека биле поврзани со таа дрога.

Полициската операција се случи во петокот во Солун, вториот по големина град во Грција, објави АП.

Уличната вредност на запленетата дрога се проценува на околу 10 милиони евра, се вели во полициското соопштение.

На почетокот на акцијата, полицијата уапси еден Грк (56), возач на камион, во чие возило пронашол 180.000 таблети екстази.

Набргу потоа, полицијата запре автомобил во кој откри 320.000 таблети екстази и уапси двајца ирачки државјани.

Полицијата соопшти дека трага по друг грчки возач на камион.

Претставник на грчката полиција, кој побара анонимност, за Асошиејтед прес изјави дека запленетата дрога е произведена во Западна Европа и најверојатно е наменета за пазарите во Грција и Турција.