Во пресрет на први септември, денот кога започнува учебната година и носењето на одлука за начинот на кој ќе се одвива образовниот процес во услови на пандемија на корона вирусот, партијата НСДП предлага Комисијата за заразни болести и Владата да ја разгледаат и можноста оваа учебна година во целост да не започне, односно учениците да останат дома цела година.

Физичкото присуство на учениците во училиштата, макар тоа да биде и во ограничена форма преку одење на училиште на одредени одделенија, комбинирано со спроведување на онлајн настава, цениме дека може да биде сериозен катализатор на се поизвесниот нов есенски бран на корона вирусот. Искуството од Израел, земја која во втората половина на мај, по стабилизирањето на епидемиолошката ситуација со двоцифрени дневни бројки на ново заразени, одлучи да ги отвори училиштата, покажа дека оваа одлука доведе до нов и пожесток бран на зараза, достигнувајќи и над 2.000 ново заразени на ден кон крајот на јули.

Имплементирањето на онлајн настава од своја страна носи сериозен ризик за нарушување на инклузивноста на целокупниот образовен процес. Постои реален ризик и значаен дел од децата кои доаѓаат од социјално ранливи демоќаниства да останат без пристап не само до интернет туку и до квалитетна интернет конекција.

Околу 20 отсто од домаќинствата во земјава немаат пристап до било каква интернет конекција. Спроведувањето на онлајн настава во услови на недоволно развиена комуникациско-технолошка мрежа ќе значи влегување во ризик да се ускрати и правото на образование.

Затоа НСДП препорачува да се разгледа можноста оваа учебна година да се прескокне!


Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *