Руската вакцина против ковид-19, Спутник-5, предизвика создавање антитела кај сите учесници во раните фази на клиничките испитувања, покажаа резултатите од студијата, објавени во петокот во медицинското списание Лансет, што беше поздравено од Москва.

Резултатите од двете испитувања, спроведени во јуни и јули годинава, на вкупно 76 учесници, покажаа дека 100 проценти од учесниците развиле антитела кон новиот коронавирус и немаат сериозни несакани ефекти, пишува весникот.

Русија ја регистрираше вакцината во две фази, за домашна употреба, во август, прва во светот, и тоа пред објавувањето на какви било податоци за неа и пред почетокот на масовното тестирање.

Двете испитувања во траење од 42 дена, во рамките на кои беа тестирани две групи од која секоја имаше по 38 здрави возрасни волонтери, не покажаа сериозни негативни ефекти кај учесниците и потврдија дека тестираните вакцини предизвикале производство на антитела, пишува Лансет.

Потребни се големи и долгорочни испитувања, вклучувајќи споредба со плацебо групата, како и следење за да се утврди безбедноста и ефикасноста на вакцината за спречување на инфекцијата од Ковид-19, се додава во написот.

Со ова одговараме на сите западни прашања што беа уредно поставени во последните три недели, искрено, со очигледна цел да се фрли дамка врз руската вакцина, рече Кирил Дмитриев, директор на Рускиот фонд за директни инвестиции, кој го финансираше развојот на вакцините.

Сега ние ќе започнеме да поставуваме прашања за некои вакцини од Западот, рече тој.

Првите резултати од масовното испитување на руската вакцина, кое започна минатата недела, се очекуваат во октомври или ноември. Треба да бидат опфатени 40.000 луѓе, а 3.000 доброволци веќе се пријавиле.

Коментирајќи ги резултатите од првите испитувања, главниот автор на текстот/анализата, Наор Бар-Зеев, од Меѓународниот центар за пристап до вакцините, на Универзитетот Џон Хопкинс, рече дека испитувањата биле „охрабрувачки, но мали“.

Бар-Зеев истакна дека „клиничката ефикасност на која било вакцина против Ковид-19 сè уште не е докажана“.


Напишете коментар