Од преземањето на власта во Авганистан на 15 август, неколку талибански лидери јавно се појавија во Кабул. Но, еден од нив се уште е во целосна тајност: нивниот врховен командант, Хаибатулах Акунџада .

Човекот кој е специјализиран за правни и верски прашања излезе од анонимност во мај 2016 година, за да го преземе раководството на тоа исламистичко движење, кое во тоа време беше погодено од внатрешни превирања.

Тој беше именуван неколку дена по смртта на неговиот претходник, Мансур , кој беше убиен во напад со беспилотно летало во Пакистан. Неговата непосредна цел беше повторно обединување на Талибанците.

Тие се најдоа во жестока борба за моќ по смртта на Мансур и откритието дека смртта на основачот, Мула Омар, била криена со години .

Малку е познато за секојдневната улога на Хаибатулах Акунџада, чија комуникација се сведува на ретки годишни пораки по повод исламските празници. Некои сметаат дека неговата улога е повеќе симболична отколку оперативна.

Талибанците објавија само една негова фотографија. Тој не се појавува во јавноста и не се знае каде се наоѓа.

Акунџада е син на теолог, роден во Кандахар, лулка на Талибанците во јужен Авганистан. Овој образован човек претходно имаше големо влијание врз Талибанците – тој го водеше нивниот правосуден систем.

Од кога ја преземаа власта пред две недели, 20 години откако беа соборени од коалицијата предводена од САД, Талибанците молчат за неговите активности и неодамнешните патувања.

„Ќе видите наскоро“, им рече нивниот портпарол Забихулах Муџахид оваа недела на новинарите .

Талибанците отсекогаш имале навика да го држат својот шеф во сенка. Основачот Мула Омар водеше животот на пустиник и ретко одеше во Кабул во времето кога движењето беше на власт, во текот на 1990 -тите.

Сепак, неговиот збор беше закон и никој од неговите наследници не доживеа толку почит во движењето.