Американскиот претседател Доналд Трамп размислува да и се обрати на нацијата по шокантната вест дека тој и првата дама Меланија се позитивни на новиот коронавирус.

Персоналот на Белата куќа разговараше за тоа како претседателот може да и се обрати на јавноста и да ги увери Американците дека е добро и дека сепак може да ја води земјата. Една од предложените опции е обраќање преку ТВ-програми, пишува Њујорк Тајмс.

Њујорк Тајмс понатаму пишува дека Трамп покажува лесни симптоми на коронавирус, а тоа им го потврдиле два извори запознаени со неговата здравствена состојба. Едно лице рече дека симптомите на Трамп се слични на симптомите на настинка.

Еден учесник на митингот што се одржа во четвртокот во голф клубот на Трамп во Бедминстер, Њу Џерси, рече дека Трамп бил во контакт со околу 100 луѓе на настанот и дека делувал доста летаргично.

Едно лице кое е информирано за здравјето на Трамп рече дека американскиот претседател заспал во авион на Ер форс оне кога се враќал во Вашингтон од митинг во Минесота во средата вечерта.

Официјален претставник на Белата куќа за Њујорк Тајмс изјави дека до четвртокот вечерта имало дискусија за тоа како ќе се лекува Трамп. Се зборуваше и за можноста за телевизиско обраќање или снимено обраќање за да се покаже дека Трамп може да ги извршува своите должности без пречки и дека владата работи како порано.

Претседателот ја информираше јавноста за неговата дијагноза нешто пред еден часот по полноќ по источно-американско време, кога на Твитер напиша: ‘Вечерва Првата дама и јас дознавме дека сме позитивни на Ковид-19. Ќе влеземе во карантин и ќе започнеме со процесот на опоравување. Ќе го поминеме ова заедно.

Трамп има 74 години и од медицински аспект тоа го прави дел од ранлива група за развој на компликации од вирусот.