Адвокатската фирма „Портер Рајт Морис и Артур“ се откажа од застапувањето на Доналд Трамп во поднесување тужба заради изборни нерегуларности во Пенсилванија.
Компанијата ја поднесе тужбата само еден ден пред повлекувањето и веќе доби 700.000 УСД од тимот на Трамп и Републиканскиот национален комитет.

Адвокатската фирма се повлече по написот во „Њујорк Тајмс“ во кој се вели дека „вработените чувствуваат растечки немири во врска со тужбата, додека некои се плашат дека компанијата помага да се уништи довербата во изборниот процес“, објави РТ.

Во тужбата поднесена од оваа компанија во Пенсилванија во име на Трамп, се наведува дека имало изборни нерегуларности во бројни области на таа држава за време на претседателските избори.

Пред повлекувањето на компанијата, државниот обвинител на Пенсилванија, Џош Шапиро, инаку демократ, ја нарече тужбата „безвредна“, додавајќи дека изборите во таа држава биле „легални“.

Адвокатската канцеларија поднесе бројни поднесоци во име на кампањата на Трамп во Пенсилванија и не е јасно дали ќе продолжи да биде нивни застапник за тие случаи.

Во одбрана на своето застапување за Трамп, адвокатската канцеларија рече дека „ова е контроверзен случај, но дека тие исто така застапувале и други кампањи во слични правни работи, без оглед на политичката припадност“.

„Очекуваме критики во вакви случаи и го разбираме правото на секоја индивидуа да изрази загриженост и несогласување“, се вели во соопштението на адвокатската канцеларија.

Активистите против Трамп беа насочена токму кон оваа компанија, како и адвокатската фирма Џоунс Деј, која исто така го застапува претседателот во голем број судски процеси.