Државниот секретар на САД, Мајк Помпео, одбива да ја прифати победата на Џо Бајден на претседателските избори и денес во Стејт департментот изјави дека „транзицијата кон втората администрација на Трамп“ ќе биде лесна.

Тоа ќе биде лесна транзиција кон втората администрација на Трамп. Тоа е точно. Светот гледа што се случува. Ќе ги преброиме сите гласови, а кога ќе го сториме тоа, електорските гласови повторно ќе бидат преброени, рече Помпео.

Трамп не ги признава проекциите според кои Бајден е победник на претседателските избори и постојано го критикуваше гласањето по пошта, наведувајќи дека со тоа се отвора патот до можна изборна измама.

Тој побара пребројување на гласовите во некои држави и тврди дека „ќе ја турка работата до крај“ и ќе докаже дека изборите биле украдени.

Изборниот штаб на Доналд Трамп поднесе тужби против федералните држави и тврди дека гласањето и пребројувањето на гласовите било нерегуларно.