Американскиот претседател Доналд Трамп подготвува чистка во своите редови. Шефовите на безбедносните служби се на удар – државниот секретар за одбрана Марк Еспер, директорката на ЦИА Џина Хаспел, шефот на ФБИ Кристофер Вреј и други.

И покрај неодамнешните изјави од Пентагон дека на Еспер не му се подготвува смена, ниту дека е близу до оставка, извори од американското Министерство за одбрана сега наведуваат дека тој би можел да биде сменет во наредните седум дена, објави „Хил“, повикувајќи на нивните доверливи извори. Како што додаваат, ваквото сценарио сè уште не е целосно познато, но е реално.

Пентагон изјави дека Еспер „нема намера да поднесе оставка, ниту тоа од него беше побарано“, додека изворите на американските медиуми од Комитетот за воени прашања изјавија дека тие не биле информирани дека ќе има промена во раководството на американската армија.

Еспер и Трамп во последно време имаа многу несогласувања, како што е противењето на Трамп за преименување на касарните кои се именувани според лидерите на Конфедерацијата од Граѓанската војна, по антирасистичките протести. Исто така, според „Хил“, Трамп и Еспер се судриле поради барањето на претседателот армијата да интервенира за време на протестите што ги потресоа американските градови.

Извори на американскиот весник наведуваат дека и шефовите на ЦИА и ФБИ се на тенок мраз, затоа што избегнуваат да се занимаваат со истраги што може да имаат политичка конотација.

Кога станува збор за Кристофер Вреј, директорот на ФБИ, Белата куќа е фрустрирана бидејќи немаат поддршка од федералното биро за политички чувствителни теми, како што се обвиненија за корупција против Хантер Бајден и неговиот татко Џо, претседателскиот кандидат, во случајот на таканаречената Украигејт.

Исто така, на Трамп му е спорно дека ФБИ не ги отпушти своите службеници кои беа вклучени во т.н. “Россигејт“ и истрагата против американскиот претседател.

Еспер го наследи генералот Џим Матис како министер за одбрана кон средината на минатата година, кој поднесе оставка откако не се согласи со политиката на Трамп во однос на Сирија.