Во медиумите се појавија тврдења, или новинарски шпекулирања, дека американскиот претседател Доналд Трамп, кој должноста ќе ја напушти на 20 јануари, ги прашал своите советници и помошници што треба да се направи и каква е постапката за аеродромот во Палм Бич да се именува по него-односно да го добие името Доналд Џ. Трамп, објави Дејли бист.

Џад Диер, заменик портпаролот на Белата куќа, одби за Мајами хералд да ја потврди или да ја демантира таквата информација.

„Неофицијално, не коментираме приватни разговори“, порача Диер во мејлот испратен вчера.

Меѓутоа, бидејќи Пал Бич интернешнал е оддалечен само неколку километри од Мар а Лаго, каде се очекува Трамп да живее со сопругата и синот Барон, по завршувањето на претседателскиот мандат, се чини дека тоа е најверојатниот аеродром кој би го носел неговото име доколку тоа го посака.

Не можат да се исклучат ни Мајами интернешнал ни Форд Лодердејл-Холивуд интернешнал. Ни едниот ни другиот аеродром не се далеку од неговата резиденција.

Кристијан Цајглер, највисокиот функционер на Републиканската партија на Флорида, предложил Палм Бич интернешнал да се преименува во Меѓународен аеродром Трамп. Така, тој би бил „влез во јужна Флорида за обожавателите на поранешниот претседател“, јавува Дејли бист.

Портпаролката на тој аеродром кажа дека никој не им се обратил во врска со промена на името.

Во јужна Флорида би можело да има и претседателска библиотека на Трамп, се наведува во извештаите.

„Апсолутно би требало да бараме претседателска библиотека на Флорида. Тоа би бил фантастичен економски генератор“, кажа Цајглер.

Библиотека е полесна за остварување. Традиција е секој претседател да основа претседателска библиотека.

Трамп засега нема твитнато – ниту за аеродром, ниту за библиотеката.

Доколку Трамп добие аеродром, ќе им се придружи на 10-те американски претседатели од двете големи партии чии имиња ги носат аеродромите:

Абрахам Линколн (Спрингфилд, Илиноис), Теодор Рузвелт (Дикинсон, Северна Дакота), Двајт Ајзенхауер (Вичита, Канзас), Џон Ф. Кенеди (Њујорк), Џералд Форд (Гранд Рапидс, Мичиген), Џорџ Вашингтон и Роналд Реган (Националниот аеродром Вирџинија Роналд Реган Вашингтон) и Џорџ Х.В. Буш (Хјустон).

Исто така, во март 2012 аеродромот Адамс филд од Литл Рок во Арканзас беше преименуван во Национален аеродром на Бил и Хилари Клинтон.

Џими Картер има регионален аеродром именуван по него во Џорџија. Барак Обама засега сè уште нема аеродром.