Д-р Ентони Фаучи, директор на Националниот институт за алергија и инфекција на САД (НИАИД), рече дека ја прифатил поканата од новоизбраниот американски претседател Џо Бајден да биде главен медицински советник на неговата администрација откако Бајден ќе ја презеде функцијата.

Во интервју за NBC News, врвниот американски епидемиолог рече дека веднаш го прифатил предлогот на Џо Бајден.

Новоизбраниот претседател на САД објави дека има намера да му понуди на д-р Фаучи да остане во истата улога што ја имаше во мандатот на последните американски претседатели.

“Го замолив Ентони Фаучи да остане во истата улога што ја имаше во мандатот на последните неколку претседатели, барајќи од него да биде мојот главен медицински советник и да биде дел од тимот за борба против ковид-19”, рече поранешниот потпретседател во интервјуто што се емитуваше во четвртокот вечерта.

Водечкиот експерт за инфективни болести Ентони Фаучи имаше чести судири со актуелниот претседател Доналд Трамп во врска со реакцијата на владата на пандемијата, а шефот на државата пред извесно време сугерираше дека може да одлучи да го отпушти ако добие втор претседателски мандат.

Во меѓувреме, во САД се пријавени 217.664 нови случаи на коронавирус во последните 24 часа, со што нивниот вкупен број достигна 13.921,374 од почетокот на пандемијата, покажуваат најновите податоци на Универзитетот Џон Хопкинс.

Во последните 24 часа 2.879 Американци починале од ковид-19, а од почетокот на пандемијата, нивниот број достигна 273.446.

Досега се опоравени 5.404.018 од опасниот коронавирус во САД.