Државата Џорџија ќе започне рачно да ги пребројува гласовите од претседателските избори во Америка, изјави државниот секретар Бред Рефенспергер.

Тоа ќе помогне во градењето доверба и во исто време ќе биде ревизија, пребројување и корекција на можните грешки, рече тој и додаде: Тоа ќе биде многу тешка работа, пренесуваат американските медиуми.

Како што најави тој, гласовите од сите 159 области на Џорџија ќе се бројат рачно.

Досега, 97 изборни единици ги доставија конечните резултати, рече Рефенспергер, додавајќи дека моменталната разлика меѓу двајцата кандидати е околу 14.000 гласа. Тој истакна дека неговата канцеларија ги испитува извештаите за сите можни нерегуларности и додаде дека „секое законско гласање ќе биде преброено“.

Одлуката на џорџиската влада уследи по барањето на Републиканската партија од таа држава, која побара ново рачно пребројување на гласовите пред да се верофикуваат резултатите. Републиканците изјавија дека имало голем број грешки во целата држава при броењето на гласовите.

Сепак, државниот секретар тврди дека одлуката за рачното пребројување не е донесена на барање на партијата на Трамп, туку затоа што тоа е „најрационална одлука со оглед на националното значење на претседателската трка и поради малата разлика во гласовите“.