Поранешниот американски претседател Доналд Трамп вчера приреди вечера во неговиот клуб Мар-а-Лаго со донатори од Националниот комитет на Републиканската партија, објави Ројтерс.

Се собравме вечерва да разговараме за иднината на Републиканската партија и што треба да сториме за да им го отвориме патот на победата на нашите кандидати, рече Трамп, според текстот на неговиот говор, до кој дојде Ројтерс.

Стојам вечерва пред вас полн со самодоверба дека во 2022 година ќе го повратиме Конгресот и повторно ќе го освоиме Сенатот. И тогаш, во 2024 година, републикански кандидат ќе ја освои Белата куќа, рече тој.

Трамп додаде дека неговите сопствени планови – со уставно право на уште еден четиригодишен мандат – мора да почекаат на дополнителните избори во ноември 2022 година.

Иако Џо Бајден го победи Трамп на претседателските избори минатата година, републиканецот освои гласови меѓу некои демографски групи кои традиционално гласаат за Демократската партија, вклучувајќи ги Латиноамериканците и Афроамериканците. Според него, клучот за победата во 2022 година е Републиканската партија да стане бранител на американската работничка класа.

Иако ги изгуби изборите во 2020 година, Трамп продолжува да игра активна улога во партијата, што не е карактеристично за поранешните претседатели кои обично се повлекуваат од центарот на вниманието по напуштањето на Белата куќа.