Поранешниот американски претседател Доналд Трамп ја тужеше неговата внука Мери и весникот Њујорк Тајмс поради натпис во 2018 година за „сомнителни даночни малверзации“.

Во тужбата која е поднесена во Њујорк, обвинети се Мери Трамп и новинари од весникот, за „вмешување во подмолна измама“ за прибавување доверливи документи, поради кои внуката на поранешниот претседател го прекрши договорот за поравнување кој и забранува нивно откривање, а таа тоа го потврди дека го направила во нејзините мемоари од 2020 година, пренесува BBC.

Предходно Трамп одлучно ги отфрли тврдењата од книгата на неговата внука-Премногу и никогаш доволно: како мојата фамилија го направи најопасниот човек на светот и неуспешно ја тужеше со цел да се обиде да се спречи нејзиното објавување. Тој во вторникот со нова тужба обвини тројца новинари на Њујорк Тајмс за контактирање и соработка со неговата внука поради „лична пресметка“ со него.

Како стои во тужбата, Мери Трамп доставувала на весникот Њујорк Тајмс доверливи документи за објавување во сеопфатна истрага на листата на личните финансии на Трамп. Во оваа ексклузивна репортажа се наведува дека поранешниот претседател учествувал во „измамнички“ даночни махинации и на тој начин заработил повеќе од 400 милиони долари.

Потпаролката на Њујорк Тајмс соопшти дека пишувањето за финансиите на Трамп помогнало на граѓаните детално да се информираат за тема која е од јавен интерес, како и дека тужбата е обид за замолчување на независните новинарски организации.

Мери Трамп, која е ќерка на постариот брат на екс претседателот, Фред Трамп кој почина во 1981 година на 42 годишна возраст, не ја коментираше тужбата.

Таа минатата година поднесе сопствена тужба против Доналд Трамп и двајца членови на фамилијата поради измама и завера, во која се наведува дека тогашниот претседател, неговата сестра Мериен Трамп Бери и братот Роберт Трамп ја имаат измамено поради наследството.