Претседателот на САД во заминување Доналд Трамп денес нема да биде на инаугурацијата на Џо Бајден, поради што неговото отсуство ќе има влијание врз еден од најважните детали за денот на инаугурацијата – предавањето на нуклеарниот куфер на новиот шеф на Белата куќа.

Официјално, нема објаснување за тоа како Трамп ќе го предаде нуклеарниот куфер на Бајден, кој му служи на американскиот претседател за да може да лансира нуклеарни ракети во секое време, а го носи воен соработник, кој мора да биде со претседателот нон-стоп.

Обично, куферот се предаваше на друг помошник кој стоеше покрај новоизбраниот претседател на инаугурацијата, во овој случај Бајден, додека дава заклетва.

Но, денес, размената ќе се случи малку поинаку од вообичаеното, бидејќи Трамп ќе замине на Флорида во 14:00 часот (8:00 часот по источноамериканско време) и ќе биде претседател до 18:00 часот.

Се верува дека нуклеарниот куфер ќе биде со него цело време, велат експертите, што значи дека ќе има најмалку два куфери на различни локации.

Има најмалку три, веројатно четири идентични куфери, вели Стивен Шварц. Едниот оди со сегашниот претседател, другиот е со потпретседателот, а третиот традиционално е покрај личност која е одредена да преживее важни настани, како што е инаугурацијата. Денес, еден куфер ќе биде надвор од градот, што значи само куферот на потпретседателот Пенс да биде во Вашингтон, освен ако воената канцеларија на белата куќа не подготвила еден за Бајден.

Кодовите за активирање на куферот на Трамп ќе важат до 11.59 часот по локално време, по што ќе бидат исклучени.

Според 20-тиот амандман, Доналд Трамп е претседател до 11:59:59 часот и дотогаш има законско овластување да го користи нуклеарниот арсенал. Ако помошникот го придружува на Флорида, помошникот ќе треба да го напушти Трамп напладне и да се врати во Вашингтон, со куферот, објасни Шварц.

Доколку Трамп го сака следниот нуклеарен напад да биде во 12.01 часот, наредбата нема да биде валидна и воените команданти немаат обврска да ја извршуваат наредбата, а потоа кодовите ќе бидат неважечки.

Во меѓувреме, Бајден ќе го добие својот „бисквит“ (пластична картичка со шифри за нуклеарен напад) веројатно рано наутро, пред инаугурацијата, како и потпретседателот Камала Харис, кој ќе биде информиран за постапката за започнување нуклеарен напад, но нивните кодови нема да бидат активни до пладне.