Од завчера популарниот инфектолог, Вело Марковски е избран за нов член на Извршниот Комитет на ВМРО ДПМНЕ. Марковски стана омилен во јавноста со своите изјави во врска со пандемијата со корона вирусот.

Во партиските кулуари сега се прават шеги дали како нов член на Извршниот Комитет на ВМРО ДПМНЕ, Вело Марковски ќе треба да ја смени својата лексика и во иднина, за да биде на линија на партиската политика, да дава изјави од типот: Да не се заразените од БЕСА во Македонија ќе нема да има пандемија со корона!?

Зошто Вело Марковски стана нов член на ИК на партијата? Тоа е изненадување за многумина што го познаваат. Вело е во еден вид на роднинско-кумовски врски со Љубчо Георгиевски, преку својата поранешна сопруга Џулистана Марковска. Вело беше член на партијата на Љубе Бошковски, Обединети за Македонија и што е најинетересно Вело преговарал со Македонски Концепт на Петар Богојевски да биде носител на нивната листа на овие избори во втората избора единица!?

Ние го контактиравме Вело Марковски со прашање дали преговарал со Македонски Концепт и неговиот одговор беше-тоа не е точно. Но на нашите следни прашања не сакаше да одговори. Контактиравме луѓе блиски на Македонски Концепт и од нив ни беше потврдено дека имало разговори со него. Дотолку повеќе што тие и како групација на Реформаторите имале комуникација со Марковски но не била воспоставена соработка поради неговата поранешна сопруга која беше виден член на групата реформатори во ВМРО ДПМНЕ.

Можеби Вело Марковски ќе му биде потребен на Мицкоски за изборите во Штип. Марковски е сепак професор во тој регион и важи за човек на кого му тежи гласот меѓу студентите на Штипскиот Универзитет. Прашање е само во која функција Мицкоски планира да го користи Вело Марковски во Штип?

Вело е професор на Штипскиот Универзитет а Мицкоски го чекаат многу важни градоначалнички избори во Штип. Иако Иван Иванов се споменува како можен кандидат за градоначалник на Штип има варијанта дека пазарот меѓу Вело и Мицкоски е партијата да го истакне Маркоски како нивен кандидат на тие избори!?

И тука лежи зајакот!? Во неодамнешната анализа за Дојче Веле поранешниот висок партиски функционер, а сега еден од главните критичари на Христијан Мицкоски, Никола Тодоров го обвини Мицкоски дека ќе направи се да ги бојкотрира локалните избори во Штип. Ако Вело Марковски нема жителство на Штип, а живее во строгиот центар на Скопје, во т.н. функциоенерски станови карши местото на живеење на Гордана Сиљановска, тогаш дали Вело може да биде кандидат за градоначалник на Штип!?

И дали на таков начин Мицкоски, ако се следи анализата на Тодоров, ќе се обиде да ги бојкотира изборите за градоначалник во центарот на Источна Македонија, а тоа е градот Штип. Односно, да го кандидира Вело Марковски а да се јават проблеми со неговото жителство!?

Во секој случај, влегувањето на Вело Марковски во ИК на партијата значеше губење на позицијата на докторот Игор Николов Гила. Тој беше многу битен играч за Мицкоски, бидејќи во еден клучен и тежок момент за Мицкоски, токму Николов ги воспостави неговите врски со францускиот амбасадор во Република Македонија, Кристиан Тимоние. Во почетокот на мандатот на Мицкоски на чело на партијата, поддршката на Тимоние беше клучна да се намали притисокот врз ВМРО ДПМНЕ и да не биде реализирана стратегијата партијата да биде пуштена во стечај.

И сега Николов е пуштен во аут, а на негово место член на ИК на партијата станува Вело Марковски. Сигурно е тоа направено со добра причина. А која е причината ќе видиме многу скоро. Ќе видиме како медиумите под контрола на Мицкоски ќе го прифатат Вело Марковски бидејќи вго 2011 кога тој е член на Обединети за Македонија тие медиуми го нарекуваа “забеганиот”!?