Порталот Албанијан пост објави нов нон пејпер, во кој се зборува за содржината на првата средба меѓу претседателот на Србија, Александар Вучиќ и премиерот на Косово, Албин Курти.

Според медиумите, состанокот треба да се одржи во Париз во јуни.

Документот го прецизира не само времето на состанокот, туку и темите и целите на новата рунда преговори, која се предвидува како завршница, која треба да трае до февруари 2022 година.

Сè треба да се конкретизира до конечниот договор во ограничен временски рок од околу една година, се конкретизира во документот.

Тоа е иницијатива на Германија и Франција, чија цел е нормализирање на односите меѓу Србија и Косово под покровителство на ЕУ, високиот претставник Жозеф Борел и Мирослав Лајчак.

Во документот се вели дека ова се прави со поддршка на ЕУ и САД.

Овој нон-пејпер во една од главните точки предвидува создавање автономија за северот на Косово со проширена самоуправа и со свои институции.

Двете страни се согласуваат за воспоставување на Автономниот округ на Северно Косово како посебна административна единица на регионалната самоуправа на Косово што има право да донесе законодавство во регионалната економија, финансии, имот, инфраструктура, култура, образование, здравство, социјална заштита, правда и европска соработка, во согласност со Уставот на Косово и законодавството за локална самоуправа, се наведува во една од главните точки.

Според овие тврдења, автономниот округ на Северно Косово ќе ги опфаќа териториите на градот Звечан и неговите 35 села, Лепосавиќ и 72 села, Северна Митровица и катастарските зони во близината и Зубин Поток и 63 околни села.

Автономниот округ ќе има гувернер што ја претставува Владата на Косово, Собрание што го претставува народот и Извршен совет што ќе биде заедничко тело на Автономниот округ, Владата на Косово, Владата на Србија и Европската унија.

Втората точка предвидена со германско-францускиот документ е статусот на српските цркви.

Српската православна црква ќе биде призната, нејзиниот имот ќе биде неприкосновен и ќе има привилегиран статус, се вели во документот.

Исто така, се прецизираше дека Црквата и нејзината внатрешна организација треба да бидат признати како самоуправна организација на политичкиот и уставниот систем на Косово, а сопственоста да биде неприкосновена и ќе ужива привилегиран статус.

Заштитените области треба да вклучуваат повеќе од 40 цркви и културни места. Православната црква во Косово, како суштински дел од Српската православна црква, треба да биде предводена од патријархот на Српската православна црква, кој треба да биде со седиште во Печката патријаршија, во согласност со уставните измени, се наведува во нон-пејперот.

Документот предвидува Србија да се согласи со барањето на Косово за членство во меѓународни институции.

Исто така, се предвидува и создавање на економска зона како катализатор и поттик за економски развој во обете земји.

Ова беше наменето „во концептот на европски региони да се обезбеди воспоставување на слободна економска зона“ што ќе се протега во регионот на Митровица и Нови Пазар.

Србија и Косово ќе продолжат со идејата дека „ниту една од нив не може да ја претставува друга држава на меѓународно ниво или да дејствува во име на друга држава“, се вели во документот.

Беше посочено дека Србија и Косово ќе го почитуваат суверенитетот на своите територии.

Потпишувањето на овој документ би значело промена на уставот и во Приштина и во Белград, а потоа и меѓусебно признавање по уставните и територијалните реорганизации.

Списанието посочува и на некои други точки што ќе важат по постигнувањето на овој договор.

Двете страни ќе разменуваат постојани мисии. Тие ќе бидат воспоставени во соодветни седишта на нивните влади. Практичните прашања во врска со воспоставувањето на мисијата ќе бидат решени во согласност со Виенската конвенција за дипломатски односи. Двете страни ќе формираат Совет за заемно пријателство кое секоја година ќе го свикуваат владите на двете земји со цел да се обезбеди имплементација на договорот, што е правно обврзувачки и да се унапреди билатералната соработка во сите области од интерес, се вели во документот.