Во досегашното 18 годишно владеење, турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган во голема мера успеа да ги стави под своја контрола весниците и телевизиите. Опозицијата најде начин да реагира: политичари, активисти и критичари се преселија на социјалните мрежи и таму создадоа алтернативна јавност. На платформите како Твитер, Фејсбук или Јутјуб активистите предупредуваат од нерегуларности, опозициските политичари ги мобилизираат своите поддржувачи, а мали, алтернативни медиуми таму емитуваат програма настроена критички кон владата.

Сега Ердоган сака дополнително да го прошири своето и онака големо влијание преку контрола и на социјалните медиуми. Уште во изминатите години владата се’ повеќе ја засилуваше контролата врз содржините на интернет. Сега турскиот парламент го заостри Законот за медиуми. Со него платформите со над еден милион корисници се обврзуваат да отворат свои филијали во Турција.

Доколку Твитер и останатите се противат да го сторат тоа, тогаш турските судови може да им го намалат опсегот до 95%. Дополнително, „сомнителни содржини“ во иднина може да бидат казнети со казна од еден до десет милиони лири.


Напишете коментар